Легендарниот руски тенисер, Марат Сафин вели дека нешто не е во ред со светот на тенисот кога Рафаел Надал и Роџер Федерер уште доминираат и покрај тоа што имаат над 30 години.
Сафин, кој во кариерата освои две гренд слем титули и покрај тоа што беше сметан за еден од најдобрите тенисери на својата генерација, вели дека иако се гледа дека доаѓа новата генерација на тенисот, лошо е што Шпанецот и Швајцарецот се на врвот на АТП листата.
„Како е можно? Едниот има 36, а другиот 31 година и уште победуваат и тоа ја уништуваат конкуренцијата и ги сечат младите. Тие се суперѕвездите на тенисот. Што не чини со јуниорите? Веќе треба да почнат да касаат“, вели Сафин во интервју за „Скај спортс“.
Русинот, кој по крајот на кариерата беше и пратеник во руската Дума, вели дека еден од младите тенисери отскокнува.
„За мене, Александер Зверев. Тој има добар тренер и е на третото место, така што може да тргне напред. Другите ќе ги чекаме да се појават следната година“, вели Сафин.