Top Sport

Драмa во Франција! Рабио се откажа од дресот, Дешам вели дека направил клучна грешка

Фудбалерот на Пари Сен-Жермен, Адриен Рабио направи „огромна грешка“ што се повлекол од списокот на резервни играчи за Мундијалот во Русија, бидејќи тоа може да значи дека нема да биде повикуван повторно, вели селекторот Дидие Дешам.

Играчот од средниот ред на ПСЖ, кој има шест настапи за репрезентацијата, не влезе во тимот од 23 играчи, откако на негово место беше повикан Стивен Н’Зонзи од Севилја. 23-годишниот Рабио пратил писмо до Фудбалската федерација на Франција (ФФФ), барајќи неговото име да биде симнато од списокот.

Дешам открива што е позадината.

„Не се работеше за писмо, туку за меил кој стигна во понеделникот попладне. Мене ми кажаа пто е содржината, и дека Адриен го потпишал. Му се јавив да ми потврди, но тој не ми одговори. Добив потврда од менаџерот, и потоа го предупредив и ПСЖ, бидејќи тој е нивни фудбалер. Јас сум изненаден и го сфаќам разочарувањето, но зборуваме за млад фудбалер кој сам се исклучува од тимот. Ова е огромна грешка. Тој одбива да биде резервист, да го следи програмот. Но, тоа е негова одлука“, вели Дешам.

Франција е во групата на репрезентации од кои многу се очекува на Светското првенство, но прво мора да се помине незгодната група со Австралија, Перу и Данска. Од списокот на Дешам за Русија отсуствуваа и поголеми имиња од Рабио, како Антони Марсијал од Манчестер јунајтед и Александер Лаказет од Арсенал.

Фото: ЕПА

Scroll to Top