Top Sport

Самоанскиот рагби тим во петок ќе излезе од „карантинот“ по 110 дена!

Професионалниот рагби тим Манума Самоа од островската држава Самоа е блиску до слободата откако „заглавија“ во карантин повеќе од 100 дена.

Манума Самоа на 23 февруари си замина од својата татковина пред првиот меч од сезоната во Глобал рапид рагби турнејата на 14 март во Перт. Клубот помина две недели на тренинг-камп во Оукленд, Нов Зеланд пред да отпатува во Австралија за мечот.

Додека траеше мечот, самоанската влада објави дека поради корона вирусот воведува ограничувања на движење, односно сите кои пристигнуваат во земјата треба да поминат две недели во изолација. Нивниот план беше да се вратат дома преку Оукленд, и тие влегоа во карантин таму.

Меѓутоа, на 24 март, Самоа објави дека го прекинува секој контакт до островот со авион од 26 март и тимот остана во Оукленд, каде што сите 20 играчи спијат во една соба.

„Нема приватност, тоа е минато. Дали ни пречи? Има неколку момци кои силно хрчат, но се забавуваме со бинго, тренинзи и готвење“, вели еден од играчите, Теодор Мекфарланд.

Тие на 29 мај, конечно, пристигнаа во Самоа, каде што ќе треба да поминат уште две недели во изолација пред да се вратат на своите семејства на крајот на следната недела.

Scroll to Top