Тони Фергусон и официјално го потпиша договорот за дуел со УФЦ шампионот во лесна категорија, Хабиб Нурмагомедов во „Барклис центарот“ во Њујорк на 18 април. Хабиб својот договор веќе го потпиша оваа недела, а сега и Фергусон се согласи на условите по состанокот со шефовите од УФЦ во Лас Вегас, објави „ЕСПН“.
Хабиб и Фергусон ќе се судрат во „пеј-пер-вју“ меч, по петти обид двајцата да влезат во октагон, откако претходните обиди пропаднаа поради повреди на еден од двајцата фајтери.
31-годишниот Хабиб има 28-0 во својата кариера и последен пат ја одбрани титулата против Дастин Поаире на УФЦ 242 во Абу Даби во септември. 35-годишниот Фергусон, пак, има низа од 12 победи од 2012 година и загубил само еднаш во последните 19 меча. Тој последен пат беше во акција на УФЦ 238 во јуни, кога го победи Доналд Серон со нокаут во втората рунда.
Потврдата на овој меч доаѓа откако Конор Мекгрегор се согласи на дуел со Серон во Лас Вегас во јануари, најавувајќи интересна 2020 во УФЦ.