Поранешната шампионка во пливање, Американката Аријана Кукорс вели дека била сексуално злоупотребувана од поранешниот тренер, 46-годишниот Шон Хачинсон, по што американските власти го претресоа домот на Хачинсон во Сиетл.
Хачинсон е обвинет дека ја фотографирал Кукорс гола додека таа била малолетна. Кукорс беше светска шампионка на 200 метри мешано во 2009 година, а на Олимпијадата во 2012 година (кога имаше само 17 години) беше на петтото место.
Кукорс вели дека проблемите започнале кога таа имала само 13 години и кога Хачинсон и бил тренер во „Кинг акватикс“ пливачкиот клуб во Сиетл. 28-годишната пливачка вели дека го пријавила случајот во полиција за да им даде моќ на другите жртви да го кажат своето.
„Мислев дека никогаш нема да ја споделам мојата приказна, бидејќи самото тоа што преживеав беше доволно стресно. Но, сфатив дека приказни како моите се премногу важни да останат ненапишани. Не за мене, туку за другите кои беа под влијание на таа моќна и манипулативноа личност. Да не ја поминат истата болка, траума и хорор“, вели Кукорс.
Хачинсон беше помошник тренер на американскиот олимписки тим во Пекинг во 2008 година. Овие вести доаѓаат по судењето на поранешниот лекар на американскиот гимнастички тим, Лери Насар, кој сексуално злоупотребувал стотина жртви последните две децении.