Марк Селби го победи Џон Хигинс со 10:9 во трилер-завршницата на финалето на Кинескиот шампионат, освојувајќи ја првата ренкинг титула оваа сезона.
Во меч од седум часа, кој заврши по полноќ по локално време, 35-годишниот Англичанец го доби последниот фрејм за да ја освои својата 15. ренкинг титула, и седма во Кина. Селби водеше со 3:1 во Гуангжу, но од тој момент двајцата ниту еднаш не беа разделени со разлика од повеќе од еден фрејм.
Но, кога Шкотланѓанецот Хигинс утна клучна црвена топка во последниот фрејм, Селби со низа од 35 ја запечати победата.
„Од почетокот знаев дека сум во добра форма и сакав само да уживам бидејќи Џон е еден од великаните на нашата игра и големо финале против него секогаш е интересно. Да се победи е уште пофантастично“, изјави Селби.