Top Sport

Семејството на Ѓоковиќ предупредено за руските знамиња

Новак Ѓоковиќ и неговото семејство се предупредени од Австралија опен откако Срѓан Ѓоковиќ, таткото на најдобриот српски тенисер, бил снимен со навивачите кои носеле руски знамиња, јавуваат медиумите во Австралија.

Таткото на српскиот ас во видеото вели „Да живеат Русите“ и за момент бил во друштво на човек со руско знаме со Владимир Путин. Подоцна тие навивачи беа исфрлени од комплексот.

„Мала група навивачи направија проблеми со нелегалните знамиња. Ќе се соочат со последиците. Играчите и нивните тимови се предупредуваат за правилата на турнирот, кога се во прашање знамињата. Ќе продолжиме да работиме со обезбедувањето и државните структури“, се вели во соопштението на Австралија Опен.

Директорот на турнирот Крег Тајли, кој се бореше за доаѓањето на Новак Ѓоковиќ на овогодинешниот Австралија опен, одлучи дека нема санкции за Срѓан Ѓоковиќ.

Украинскиот амбасадор во Австралија Васил Мирошниченко реагираше на настаните во арената Род Лејвер.

„Целосен пакет. Меѓу српските знамиња има руско, Путин, буквата З и пеење проруски песни. Срамота“.

Целата акција наводно ја организирал Симеон Бојков, кој повикал да се одговори на забраната на Австралија опен за руски знамиња.

Организаторите претходно одлучија да им забранат на навивачите да носат руски и белоруски знамиња на турнирот. На играчите од овие две земји им е дозволено да играат, но без национални обележја.

Scroll to Top