Top Sport

Сензацијата Кенин е првата финалистка во Мелбурн

Софија Кенин е првата финалистка на Австралија опен. Американката, 14 носителка на турнирот, во полу-финалето ја победи светската број 1 Ешли Барти со 7/6, 7/5.

За Кенин ова е првото гренд-слем финале во кариерата. Исто така таа спречи Австралија по 40 години да има финалистка во Мелбурн.

Натпреварот се играше во пустински услови на температура од 39 степени во сенка. Со тој предизвик подобро се избори младата Американка.

Од друга страна Барти долго ќе жали за пропуштените шанси. Таа имаше сет топки во двата сета.

Во тај-брејкот на првиот сет Барти при водство 6:4 и дозволи на Кенин со четири поени во низа да го затвори сетот.

Во вториот сет Барти направи брејк во третиот гем, имаше водство 5:3, а при предност 5:4 сервираше за израмнување. Сепак Кенин успеа да се извади, да ги освои наредните три гема и да слави голема победа.

„Останав без текст. Не знам што да кажам, не можам да поверувам дека ќе игра во финалето! За вакво нешто снував како девојче од пет години. Многу работев за да стигна до ова ниво“, рекла Кенин.

Инаку, Софија Кенин во финалето ќе игра против победничката од мечот помеѓу Симона Халеп и Гарбиње Мугуруса.

Scroll to Top