Top Sport

Серена доби „подарок“ од Вимблдон и ќе биде носител

Организаторите на најславниот тениски турнир на светот, Вимблдон потврдија дека поранешната шампионка, Серена Вилијамс ќе биде 25. носителка на гренд слемот на трева, и покрај тоа што таа е на 32. место на ВТА листата.

23-кратната гренд слем шампионка, Вилијамс се породи со својата ќерка Алексис во септември, по што во февруари се врати на тенисот, пропуштајќи една година од тенисот по победата на Австралија опен во 2017 година.

Нејзиниот прв гренд слем по паузата беше на Ролан Гарос, каде што не беше носителка и каде што стигна до четвртото коло, предавајќи се пред стартот на мечот со Марија Шарапова.

Во исто време, Роџер Федерер е потврден како прв носител кај мажите, иако оваа недела го загуби првото место на АТП листата од Рафаел Надал.

Вимблдон за разлика од другите турнири не го следи само рејтингот на тенисерите, туку и претходниот успех на турнирите на трева.

Фото: ЕПА

Scroll to Top