Серена Вилијамс продолжува да победува на последниот турнир во кариерата. Американката ја елиминира втората тенисерка во светот Анет Контавеит и се пласира во третото коло на Ју-ес опен.
По два и пол часа борба, Вилијамс ја победи тенисерката од Естонија со 7:6 (4), 2:6, 6:2.
Освојувачката на 23 Грен слем турнири во третото коло ќе игра со Австралијката Ајла Томљановиќ, која по пресвртот со 1:6, 6:2, 7:5 беше подобра од Русинката Елена Родина.
Ју-ес опен е само трет турнир сезонава за 40-годишната тениска легенда, кој во пресрет на турнирот најави дека ќе ја заврши кариерата.
„Не брзам, ја сакам оваа публика. Боже мој, ова е одлично. Остана нешто во мене. Ќе видиме“, рече Вилијамс додека доби овации од преполните трибини на стадионот „Артур Еш“.
Вилијамс ја продолжи серијата без пораз во првите две кола на Ју-ес опен, ова беше нејзин 42. триумф.