Top Sport

Шампионот Џошуа учи фитнес од Роналдо

Пред саботната пресметка со рускиот предизвикувач Александер Поветкин, британската боксерска ѕвезда Ентони Џошуа открива дека својот фитнес-режим го прилагодува по тој на ѕвездата на Јувентус, Кристијано Роналдо.

28-годишниот Џошуа, шампион во тешка категорија во ВБА супер, ИБФ, ВБО и ИБО верзија, ќе боксува со опасниот Русин во сабота на „Вембли“, а ако го помине, го очекува уште поголем меч со Дионтеј Вајлдер или Тајсон Фјури, кои би требало да се сретнат до крајот на годината.

Во обид да ја продолжи својата кариера и подобри физичката подготвеност, Џошуа вели дека зема пример од Кристијано Роналдо, човек познат како опседнат со физичката подготвеност.

„Кристијано Роналдо направи тест на телото. Има 33 години, но тело на 21-годишно момче. Мораш да го штедиш и да го сочуваш телото. Би можел да влезам внатре и да го нокаутирам Поветкин во рунда или две, но зад тој успех би имало осум недели на спаринг, 200 подготвителни рунди…“, вели Џошуа за „Дејли телеграф“.

Тој исто открива дека за саботниот меч се подготвувал и со спиење.

„Гледав документарен филм за Василиј Ломаченко и гледам се буди во 10.34! Мислев дека се шегува.  Јас станував од пет до седум часот наутро. Но, сега го сменив тоа и сфатив дека со повеќе спиење добивам повеќе сила. Тоа го прават и Флојд Мејведер Јуниор и Ломаченко“, вели Џошуа.

Scroll to Top