Деветтиот носител, Канаѓанецот Денис Шаповалов по пет часа борба загуби од Шпанецот Роберто Карбалјес Баења во второто коло на Ролан Гарос, по што ги критикуваше организаторите за низа работи – од новите топчиња до безбедносниот „меур“ поради корона вирусот.
Шаповалов двапати сервираше за меч, но на крајот загуби со 7:5/6:7/6:3/3:6/8:6 и смета дека организаторите не се потрудиле да им помогнат на тенисерите.
„Распоредот е катастрофа! По меч од пет часа, сега треба да играм во двојки. Вистинско ѓубре од распоред и навистина сум разочаран. Условите беа против мене. Има нови топчиња со кои е невозможно да се погоди победничка топка поради нивната тежина. На крајот, тука е ‘меурот’ поради корона вирусот. Во мојот хотел нема вистински меур, можеш да излезеш во град и никој не те спречува. Во Њујорк беше подобро“, вели Шаповалов, кој на САД опен првпат се пласираше во гренд слем полуфинале.