Top Sport

Шаповалов со закана до „тениската тројка“: Брзо ќе ве симнеме од врвот!

Канадскиот тенисер, Денис Шаповалов (20) кој моментно е 27-ми на тениската АТП листа изјави дека наскоро некои нови, млади играчи ќе ги симнат од врвот на тенисот тројцата моментно неприкосновени во „белиот спорт“ – Надал, Ѓоковиќ и Федерер. Оваа изјава доаѓа по најголемиот успех во кариерата на 20-годишниот тенисер, триумфот на тенискиот турнир во Стокхолм, Шведска.

„Сигурен сум дека наредната сезона ќе има многу изненадувања. Очигледно дека големата тројка се уште е тука и играат многу добро. Сепак, порано или подоцна ќе ги симнеме од врвот. Треба само да бидеме трпеливи. Младите играчи полека се искачуваат на АТП листата. Медведев последните неколку месеци направи голем чекор напред. Сигурен сум дека по неговите стапки многумина ќе тргнат, бидејќи има многу талентирани тенисери. Тука се и Тиафо, Циципас, Зверев“ – изјави Шаповалов.

За својата игра, Канаѓанецот вели дека се уште има многу подеми и падови.

„Многу лесно се пробив на АТП листата со неколку добри резултати. Меѓутоа, мојата игра не е на највисоко ниво. Имам многу подеми и падови. Последните неколку години работев на моите слабости и станувам многу подобар“ – рече канадскиот тенисер.

Scroll to Top