Серена Вилијамс ја избегна судбината на нејзината сестра Венус, и го помина првото коло на Вимблдон, победувајќи ја анонимната Италијанка Џулија Гато-Монтиконе во два сета со 6:2/7:5.
Поранешната шампионка, Марија Шарапова пак, испадна во првото коло, уште еднаш поставувајќи ја својата иднина под знак прашалник. Шампионката од 2004 година се повлече поради повреда на десната рака додека Французинката Полин Парментие водеше со 4:6/7:6(4)/5:0. Ова е првпат во кариерата Шарапова да се повлече поради повреда на меч на гренд слем турнирите.
Шарапова, која сега е само на 80. место на ВТА листата сервираше за мечот во вториот сет, по што мораше да добие третман на раката. 32-годишната Русинка претходно отсуствуваше пет месеци од терените по операцијата на рамото.
Првото коло беше „кобно“ и за шампионката од 2017 година, Шпанката Гарбиње Мугуруза, која загуби со 6:4/6:4 од Бразилката Беатриз Хадад Маја. Светската тенисерка број 27 загуби од 23-годишната Бразилка која нема освоено ВТА титула во кариерата и се наоѓа на 121. место на ВТА-листата. Со ова се продолжува лошата низа на гренд слем турнири за 25-годишната Мугуруза, која не успеала да го помине четвртото коло на последните пет гренд слема.