Словенката Илка Штухец стигна до својата 10-та победа од Светскиот куп, триумфирајќи на тешката спусташка трка во италијанскиот ски-центар Кортина Д’Ампецо за речиси совршен викенд по второто место на вчерашната трка.
Штухец, со осма стартна позиција, беше речиси совршена во својата трка за на крајот да заврши со 0.26 секунди пред 24-годишната Норвежанка Кајса Викхоф Ли, која до својот втор подиум во кариерата стигна сензационално со 30. стартно место. Прв подиум на својата домашна трка оствари Италијанката Елена Куртони со 0.35 секунди послабо време од Штухец, додека победничката од вчерашниот спуст, Софија Гоџа не ја заврши трката по незгоден пад.
Гоџа останува лидер во генерален пласман во дисциплината со 480 поени, пред Штухец со 372 и Куртони со 278 поени.