Top Sport

Швјонтек со роденденска победа над пријателката, Медведев го збриша Бублик

Шампионката од Ролан Гарос, Полјачката Ига Швјонтек ја почна одбраната на титулата на нејзиниот 20. роденден со победа над својата најдобра пријателка, Каја Јуван со 6:0/7:5.

Швјонтек прво доби прегратка од Јуван, со која се познаваат од јуниорските денови, но потоа не покажа милост, посебно во првиот сет.

„Никогаш не е лесно да се игра против најдобрата пријателка. Се обидуваш да го блокираш пријателството два часа и да се фокусираш на мечот. Мислам дека успеав во тоа. Се обидував да се фокусирам на Каја како кон било која друга тенисерка“, вели Швјонтек, која покажа дека е во одлична форма со победата на ВТА 1000 турнирот во Рим со 6:0/6:0 триумф над Каролина Плишкова.

Следна за Швјонтек е Швеѓанката Ребека Петерсон, која се намачи пред со 6:7(3)/7:6(8)/6:2 да ја победи Американката Шелби Роџерс.

Кај мажите, вториот носител, Русинот Данил Медведев имаше речиси совршен старт на турнирот, победувајќи го со 6:3/6:3/7:5 Казахстанецот Александер Бублик за помалку од два часа.

Scroll to Top