Јаник Синер ја одбрани титулата на Австралија опен. Првиот носител во финалето го победи Александар Зверев со 6:3, 7:6, 6:3. Мечот траеше два часа и 42 минути.
Синер ја освои третата Гренд слем титула во кариерата, откако минатата година победи во Мелбурн, а потоа и на Ју-ес опен.
Зверев и во третото Гренд слем финале остана со празни раце. Претходно доживеа пораз од Доминик Тим на Ју-ес опен во 2020 година и Карлос Алкараз на Ролан Гарос во 2024 година.
Италијанецот ја продолжи доминацијата, ја забележа 21. последователна победа, вклучувајќи го и крајот на минатата сезона. Синер ќе остане прв на АТП листата, сега со повеќе од 3.000 поени пред второпласираниот Зверев.
Колку Јаник беше доминантен во мечот за трофејот говори и фактот што Зверев немаше ниту една брејк шанса во текот на целиот меч.
Синер во првиот сет му го одзеде сервисот на противникот во осмиот гем. Во вториот сет, во тај-брејкот, клучен беше деветтиот поен, кога при резултат 4:4, топчето по ударот на Синер удри во сајлата и падна таму каде што Зврев не можеше да стигне.
Во третиот сет, Италијанецот направи брејк во шестиот гем.