„Ловот“ на Александер Зверев на прва гренд слем титула ќе почека, откако шестиот носител беше шокиран од италијанскиот тинејџер Јаник Синер со 6:3/6:3/4:6/6:3 за да обезбеди возбудлива пресметка со Рафаел Надал во четврт-финалето.
19-годишниот Синер станува првиот дебитант кој стигнал до четврт-финале во Париз по Надал во 2005 година и најмлад тенисер по Новак Ѓоковиќ во Париз во 2006 кој влегол меѓу најдобрите осум.
Момчето од Јужен Тирол, кој минатата година победи на Некст Џен финалето за најдобрите млади тенисери, немаше загубено сет пред мечот со Зверев, но беше аутсајдер против Германецот, кој загуби во финалето на САД опен од Доминик Тим.
Синер може да не е единствениот дебитант во четврт-финалето, бидејќи во игра е уште и Французинот Иго Гастон (кој игра денеска), како и Германецот Даниел Алтмаер (кој игра утре).
И кај дамите има тенисерка која првпат е во гренд слем четврт-финале – Аргентинката Надја Подороска, која со 2:6/6:2/6:3 ја победи Чехинката Барбора Крејчикова, за да обезбеди меч со украинската фаворитка Елина Свитолина, која лесно со 6:1/6:3 ја победи последната Французинка во ждрепката, Каролине Гарсија.