Top Sport

Скијачки тренер обвинет за сексуална злоупотреба, некои жртви имале 11 години?

Скандалот што го потресе француското скијање добива нови размери. Помалку од три недели откако седум жени го обвинија поранешниот освојувач на сребрен медал на Олимписките игри во велеслалом, Жоел Шенал, за сексуално вознемирување, уште пет наводни жртви се обратија до францускиот весник „Ле Монд“. Сите биле малолетни во времето на наводните настани.

Според француските медиуми, злоупотребата наводно се случила помеѓу 2005 и 2021 година, секогаш по истиот образец.

Шенал им нудел услуги на тренер на девојките, а потоа ги насочувал разговорите кон теми и пораки од сексуална природа. Меѓу новите жени што се јавија, две тврдат дека тој почнал да ги вознемирува кога имале само 11 години.

Една од жените раскажа како таа и нејзината најдобра пријателка, обете малолетни во тоа време, биле „заробени и злоупотребени“ во 2015 година.

„По вечерта помината со него, имавме дупка во нашето сеќавање“, изјави таа, потенцирајќи дека планира да поднесе кривична пријава, додека нејзината пријателка веќе го стори тоа на 21 јули.

Адриен Дувилар, поранешен член на францускиот скијачки тим, чија ќерка наводно ги добила експлицитните фотографии на Шенал во 2016 година кога била малолетна, исто така реагираше на обвинувањата.

„Имаше гласини, но ова… Па, станува збор за девојчиња! Тој го правеше тоа сериски и неказнето со години. Тоа е недозволиво“, изјави тој за „Ле Монд“, додавајќи дека жртвите мора да знаат дека имаат поддршка.

Жоел Шенал, кого го контактираа новинарите, не сакаше да ги коментира новите обвинувања. Тој сè уште работи како тренер во сопственото скијачко училиште, кое го основал во 2022 година во Ла Розиер, каде што патеката за слалом го носи неговото име.

Foto/ lequipe.fr

Scroll to Top