Top Sport

Скопје подготвено за првиот европски џудо спектакл

Градот Скопје е подготвен да ги пречека најдобрите европски џудисти во кадетска конкуренција кои овој викенд на татамите поставени во спортската сала „Јане Сандански“ ќе се борат за за насловот европски кадетски шампион.

Од џудо федерацијата на Македонија која е технички организатор на настанот реферираат дека сите технички подготовки се навремено завршени согласно највисоките стандарди на европската џудо унија, и со нетрпение го очекуваат пристигнувањето на идните ѕвезди на европското џудо.

„Првпат Македонија е домаќин на европско првенство во џудо и горди сме што ги отвораме нашите врати за талентираните млади џудисти и посветените поддржувачи од целиот континент. Џудото нѐ учи на дисциплина, почит и на стремеж кон совршенство, вредности што длабоко ги негуваме. Ова првенство ќе биде прослава на младоста, решителноста и иднината на нашиот сакан спорт. Возбудени сме што ги гледаме ѕвездите во подем на европското џудо како се натпреваруваат со страст и спортски дух и веруваме дека татамито во Скопјe ќе стане сцена за незаборавни достигнувања и доживотни спомени“ – изјави Владимир Трпаноски, претседател на џудо федерацијата на Македонија.

Во продолжение од истата, Трпаноски им се заблагодари на раководните лица на европската џудо унија за дадената доверба да го организираат овој настан, на сите кои активно се вклучија во организација, и ја повика македонската публика да ужива во атрактивните борби кои ќе ни ги понудат најдобрите европските џудисти во кадетска конкуренција.

И додека организациските подготовки финишираат, македонските репрезентативци во базата во Скопје ги оддржуваат последните заеднички тренинзи. Селекторот Игор Паскоски заедно со тренерот Александар Фузевски во координација со стручниот тим, следните неколку дена пред почетокот на ова престижно натпреварување ќе ги одработат завршните подготовки кои претежно се базираат на регулирање на тежинските категории како и техничко тактичка и психолошка подготовка на нашите репрезентативци.

Европското првенство започнува во четврток, 26 јуни во 9 часот, а интензивната програма исполнета со многу борби ќе трае се до сабота, 28 јуни. Свеченото отварање на настанот е закажано за во четврток во 16 часот.

Scroll to Top