Top Sport

Словенците „владеат“ со Тур де Франс – Погачар со победа на Алпите

Словенецот Тадеј Погачар го совлада својот сонародник Примож Роглич во тешката 15. етапа на Тур де Франс на искачувањето Гран Коломбие во источна Франција за да го зголеми притисокот на лидерот во генерален пласман, додека актуелниот шампион, Колумбиецот Еган Бернал испадна од топ 10.

Вторпат оваа година, 21-годишниот Погачар го спречи својот добар пријател и сонародник да стигне до победа, покажувајќи фантастична сила на првиот планински финиш на „Џинот на Јурата“. Со четирите бонус секунди, Погачар (УАЕ Тим Емирати) успеа да ја намали предноста на Роглич (Џамбо-Висма) на 40 секунди на една недела од крајот на тринеделната трка.

Во најтешката досегашна етапа, Бернал (Инеос) се „скрши“ на 17-километарското искачување на крајот и 23-годишниот Колумбиец заостана седум минути по 174.5 километри. Со ова тој падна од третото место во генерален пласман, каде што сега е неговиот сонародник Ригоберто Уран (ЕФ Про) со 1:34 заостанување зад Роглич. Уште еден Колумбиец, Мигуел Анхел Лопез (Астана) е четврти откако етапата ја заврши на третото место.

Scroll to Top