Главниот тренер на финската репрезентација за скијачки скокови, Игор Медвед, е дисквалификуван од Зимските олимписки игри поради скандал поврзан со алкохол, објави „Афтонбладет“.
Финските спортисти ќе бидат без својот словенечки тренер до крајот на Игрите, кој беше испратен дома поради кршење на тимските вредности.
„Медвед се врати дома денес. Проблемот е поврзан со алкохолот. Прекршувањето на правилата го сфаќаме многу сериозно и ќе реагираме брзо“, изјави Јане Ханинен, раководител на елитни спортови во Финскиот олимписки комитет.
Селекторот се извини за своите постапки.
„Направив грешка и длабоко жалам за тоа. Сакам да им се извинам на целата финска репрезентација, спортистите и навивачите. Им посакувам на екипата мир и спокојство за да можат да се фокусираат на Олимписките игри“, рече 44-годишниот Медвед, кој е главен тренер на репрезентацијата во скијачки скокови од летото 2024 година, а претходно работеше во словенечката репрезентација.
Медвед е поранешен член на словенечката репрезентација во скијачки скокови.
