Абдулманап Нурмагомедов, таткото и тренерот на УФЦ шампионот во лесна категорија, Хабиб, полека се враќа во добра здравствена состојба, вели неговиот близок пријател, рускиот ММА промотер Камил Гаџиев.
57-годишниот Абдулманап уште е во одделот за интензивната нега на клиниката во Москва, откако имаше мозочен удар по инфекцијата со корона вирусот. Тој беше поставен во медицински индуцирана кома по операцијата на срцето, но сега Гаџиев вели дека работите се враќаат во нормала.
„Таткото на Хабиб полека се врати во свест. Болеста си заминува. Од тоа што го знам, имаме само добри вести. Уште не може да оди, но сега дефинитивно ја врати свеста“, вели Гаџиев.
Внукот на Абдулманап, Умар Нурмагомедов следниот месец ќе дебитира во УФЦ против Натаниел Вуд на „Островот на борбите“ на Дејна Вајт во Абу Даби. Хабиб, пак, се подготвува за дуел со Џастин Гетџи во септември.