Атлетичарот од Боцвана, Нил Амос, освојувач на сребрениот медал на 800 метри на Олимписките игри во Лондон 2012 година, доби привремена суспензија откако беше позитивен на тестот за забранет метаболит. Амос нема да може да се натпреварува на Светското првенство во Јуџин, кое започнува во петок.
Амос бил известен за позитивниот тест од Единицата за интегритет на атлетика (AIU) по неговото пристигнување во Јуџин.
Во телото на Амос, пронајден е метаболитот „GW1516“, кој влијае на начинот на кој телото ги метаболизира мастите, а според Светската антидопинг агенција (ВАДА), може да претставува ризик за здравјето на спортистите.
Со време од 1:41,73 во Лондон во 2012 година, Амос стана трет најбрз човек на 800 метри. Светски рекордер е Давид Рудиша со 1:40,91.