Поранешниот шампион во мешани боречки вештини на УФЦ, Конор Мекгрегор, беше суспендиран на 18 месеци поради кршење на антидопинг правилата. Ирецот пропуштил три допинг тестови.
Мекгрегор пропуштил три тестови за 12 месеци минатата година, на 13 јуни, 19 и 20 септември, затоа што не им дал на властите информации за неговото живеалиште, објави УФЦ. Неговата суспензија ќе заврши на 20 март 2026 година.
Телото за антидопинг на боречките спортови соопшти дека иако Мекгрегор не бил достапен, тој се опоравувал од повреда и не се подготвувал за претстојната борба.
„Мекгрегор целосно соработуваше со истрагата, ја прифати одговорноста и обезбеди детални информации за кои утврдивме дека придонеле за пропуштените тестови. Како резултат на тоа, стандардната казна од 24 месеци беше намалена за шест месеци“, се вели во соопштението.
Мекгрегор не се натпреварувал во УФЦ, откако ја скрши ногата против Дастин Поарие во јули 2021 година.