Марк Вилијамс, со синоќешната победа над Џон Хигинс, по трет пат во кариерата ја освои светската титула. Велшанецот стана светски првак по пауза од 15 години.
За 43-годишниот Вилијамс ова е веројатно успехот на кариерата, бидејќи пред почетокот на Светското првенство порачал дека целта му е добро да се забавува.
Сепак, тој на новинарите им ветил дека ќе се појави гол на прес-конференцијата,доколку се случи да ја освои титулата. Вилијамс го исполни ветувањето.
„Малку е ладно тука?“, го започнал своето обраќање кон медиумите Вилијамс.
„Да играте против Хигинс во финалето е неверојатно искуство. Морате да бидете подготвени дека тој ќе се врати дури и кога имате 50 или 60 поени повеќе. Тој е најдобар во „чистење“ на масата. Подобар е дури и од О’Саливен. Во секој момент си помислував дека не е доволно тоа што сум го направил и дека морам да ги тргнам куглите бидејќи тој тоа ќе го казни“, рекол Велшанецот.
Иако со ваквото појавување на прес-конференцијата ги прекршил правилата, од организацијата соопштиле дека нема да биде казнет.
Покрај титулата Вилијамс освои и парична награда од 425.000 фунти. Во финалето Вилијамс победи 18:16. Интересно со ист резултат ги освоил и претходните две титули.