Малолетниот индиски велемајстор Гукеш Домараџу е новиот предизвикувач за титулата светски шампион во шах.
Шахистот од Ченаи освои 9 бода и беше најдобар по 14 кола на „Турнирот на кандидати“ што се одржа во Торонто.
Тоа значи дека популарниот „Гукеш Ди“ за епитетот најдобар шахист на планетата ќе се бори со актуелниот шампион, Лирен Динг од Кина. Дуелот треба да се одигра на крајот на 2024 година, но местото и точните датуми се уште не се познати.
Доколку го симне од тронот Кинезот Динг, Гукеш ќе стане најмладиот светски шампион во историјата, бидејќи на тој начин ќе го собори рекордот на Гари Каспаров и Магнус Карлсен. Русинот и Норвежанецот до светските титули стигнаа на 22-годишна возраст.
Домараџу веќе влезе во историјата. Тој е најмладиот победник во историјата на „Турнирот на кандидати“ и тоа убедливо. На почетокот на 1984 година Каспаров го направи истото, но како 20-годишник. Карлсен и Михаил Таљ победија на ова натпреварување на 22 години.
Во драматичното последно коло Домараџу со црни фигури ремизираше со Хикару Накамура и со тоа го остави Накамура (8,5 поени) зад себе во генералниот поредок.
Новата шаховска ѕвезда Гукеш ќе стане полнолети на 29 мај. Татко му е ОРЛ хирург, мајка му е микробиолог, а шах почнал да игра на седумгодишна возраст.
Рано достигна големи височини во овој спорт, а во јануари 2019 година со 12 дена, 7 месеци и 17 дена стана вториот најмлад велемајстор во историјата. Помлад велемајстор од него бил само Русинот Сегеј Карјакин, кој кога ја стекна својата велемајсторска титула бил помлад само 17 дена.