Top Sport

Светската тенисерка број 1 Осака го шутна тренерот Бајин

Светската тенисерка број 1, Јапонката Наоми Осака направи изненадувачка одлука и го отпушти својот тренер Саша Бајин, кој ја донесе до врвот на светскиот тенис.

21-годишната Осака, која минатиот месец победи на Австралија опен, откако лани го освои САД опен, се заблагодари на соработката, но не кажа која е причината за разделбата.

„Веќе нема да работам со Саша. Му благодарам за работата и му посакувам сè најдобро во иднина“, напиша Осака на Твитер.

Бајин, кој претходно работеше како тренинг партнер на Серена Вилијамс, Каролине Вознијацки, Слун Стивенс и Викторија Азаренка во 2018 година беше прогласен за најдобар тренер од ВТА турнејата.

Бајин, кој е Германец со српско потекло, почна да работи со Осака во 2017 година, и ја предводеше од 72. место на ВТА листата во топ 5 во 2018 година.

„Ти благодарам Наоми и ти посакувам само најдобро. Ова беше лудо возење за нас и ти благодарам што ми дозволи да бидам дел од ова“, напиша тој.

Scroll to Top