Славниот голфер Тајгер Вудс вели дека имал една интересна средба со легендата на боксот, Мухамед Али во 2004 година, кога бил подготвен за тепачка, пред да сфати со кого има работа.
Актуелниот Мастерс шампион се пријавувал во хотелот „Хилтон“ во Шинекок Хилс, Њујорк пред САД опен во 2004 година, и додека стоел на рецепција, Али одзади му задал силен удар во ребрата. 44-годишниот Вудс бил подготвен да „го претепа“ човекот кој го удрил, пред да сфати дека се работи за Али.
„Океј, се сретнав и претходно со Али неколку пати, но ова беше највпечатливиот ден. Тренирав во Шинекок, се пријавував во хотелот, со ранецот и со голферските палки. И тогаш добивам удар во ребра. Од десната страна, и тоа навистина болеше. Се вртам и си велам сега ќе тепам некого. Бев толку налутен. И пред мене, Мухамед Али. Вика: ’Еј, момче, како си’. Го прашав зошто мораше да ме удри толку силно. Да, беше стар, но болеше. Можам само да замислувам како било да те удира во рингот 15 рунди како во негово време. Навистина лудо“, вели Вудс во интервју за „Голфер дајџест“.
Запрашан дали бил подготвен да врати на шегата, Вудс беше јасен.
„Не, не, тоа беше тепачка која сигурно ќе ја загубев“, додава Американецот.