Легендарниот боксер Мајк Тајсон гостуваше на тв „Фокс“, каде се потсети на неговата најпопуларна и најконтроверзна борба во кариерата, мечот со Ивандер Холифилд на кој „челичниот“ му одгриза парче од увото на ривалот.
Тајсон е многу активен во медиумите затоа што по пауза од 15 години повторно ќе влезе во рингот, на дуел со Рој Џонс Јуниор, на 28. овој месец.
На прашање дали повторно би го сторил истото, Тајсон вели:
„Па, би можело, ако заслужува да биде гризнат, тогаш би го гризнал. Јас во тој момент сакав да го убијам, но само го гризнав. Бев бесен, затоа што беше подобар, затоа што ми задаваше удари во глава, насекаде. Јас сум таков, не му давам на никого да ми ја земе славата“.
Тајсон рече и дека голем број од боксерите не се борат ако претходно не консумираат алкохол.
„Знам многу боксери кои немаат храброст да влезат во ринг без алкохол“ – рече „челичниот“ Мајк.