Таткото и тренерот на ММА ѕвездата Хабиб Нурмагомедов тврди дека нема да биде чудно неговиот син да се согласи на ри-меч со Конор Мекгрегор, но не во УФЦ октагонот, туку во боксерскиот ринг.
Во моментов, двајцата борачи се суспендирани пред сослушувањето во Лас Вегас за `контроверзите кои се случуваа по УФЦ229, кога откако Нурмагомедов во четири рунди го среди Ирецот, се создаде вистински хаос со тепачка меѓу нивните поддржувачите.
Абдулманап Нурмагомедов, кој не присуствуваше на овој меч откако не доби американска виза, го прекори својот син за инцидентот, и неодамна изјави дека му простува на Конор Мекгрегор за сите навреди. Хабиб пак, ги отфрли сите можности за ри-меч со Мекгрегор, фокусирајќи се на Флојд Мејведер Јуниор и обидувајќи се да направи богат меч.
Но, сега Адбулманап за рускиот весник „Известија“ вели дека постои опција за дуел со Мекгрегор, но под боксерски правила.
„Сите сме заинтересирани за меч против Конор, но со боксерски правила. Хабиб покажа дека е способен против најдобрите во ММА, и иако и претходно го кажуваше ова, многумина не му веруваа. Но со победите над Мајкл Џонсон, Едсон Барбоса и Конор, сега сите знаат кој е Хабиб. Тој исто така има и добри боксерски квалитети“, вели Абдулманап.
Мекгрегор пак, имаше еден обид во боксерскиот ринг, токму против Флојд Мејведер Јуниор, кој минатата година во супер-богатиот спектакл во Лас Вегас го победи во 10 рунди.