Срѓан Ѓоковиќ, таткото на светскиот рекет број 1 Новак Ѓоковиќ, уште еднаш ја покажа својата антипатија кон швајцарскиот ас, Роџер Федерер, велејќи дека сака тој да остане на турнејата уште пет-шест години за неговиот син да го подобри скорот против него.
Ѓоковиќ и сега е во предност во дуелите со Федерер со 27-23, а посебно доминира во последните години, победувајќи во седум од последните 10 меча.
„Би сакал да игра уште пет-шест години за да ја направиме разликата во меѓусебниот скор уште поголема“, вели Ѓоковиќ сениор.
60-годишниот Срѓан, потоа беше запрашан дали чувствува непријателство од Федерер кон неговиот син.
„Веќе не го забележувам тоа. Тие тројца, Новак, Федерер и Надал се најдобрите во историјата и се мотивираат. Тешко е да си пријател со некого со кого се бориш за број 1, титули или пари“, вели таткото.