Top Sport

ТдФ: Тојнс со етапна победа, Чиконе нов носител на жолтата маичка

Италијанецот Џулио Чиконе ја загуби победата на шестата етапа на Тур де Франс од Белгиецот Дилан Тојнс, но ја презеде лидерската жолта маичка од Французинот Жулиен Алафилип по првиот планински финиш на најславната велосипедска трка.

Чиконе и Тојнс беа последните кои останаа од групата од 14 велосипедисти кои се одвоија на калдрмата на искачувањето до Ла Супер Планш де Бел Фил. Тојнс (Бахреин Мерида) на крајот ја славеше првата победа на големите трки, додека Чиконе (Трек Сегафредо) изгледаше „скршен“ откако не успеа да додаде етапна победа на ТдФ на својот прв триумф на Џиро Д’Италија во мај.

Белгиецот Ксандро Морис (Ванти-Гобер) го освои третото место, додека Алафилип (Деукеунинк-Квикстеп) заврши на шестото место зад Британецот Герант Томас (Инеос) и Тибо Пино (Групама-ФДЈ), двајца велосипедисти кои се фаворити за победа во генерален пласман.

Со шесте секунди бонус за второто место, Чиконе неочекувано стана лидер во генерален пласман, а во исто време ја презеде и маичката со црвени точки како лидер во планински пласман. Чиконе има шест секунди предност пред Алафилип, Тојнс е трет со 32 секунди заостанување, Томас е петти со 49 секунди, а Пино седми со 58 секунди зад новиот лидер.

Scroll to Top