Светскиот шампион во тешка категорија според ВБЦ категоријата, Дионтеј Вајлдер ќе мора да заврши 60 часа јавни работи откако беше прогласен за виновен за поседување на марихуана.
32-годишниот Американец, кој во својот последен меч го „покоси“ Бермејн Стиверн со брутален нокаут во првата рунда во ноември, беше уапсен во Алабама минатиот јуни, а покрај јавната работа доби и 30-дневна условна казна затвор во следните две години.
„Ја почитуваме одлуката на судот. Секако, се надевавме дека ќе имаше ослободување, и размислуваме за опциите за жалба“, изјави адвокатот на Вајлдер, Пол Патерсон.
Вајлдер бил застанат со својот „Кадилак Ескалејд“ во јуни откако на неговото возило стаклата биле затемнети премногу, по што полицајците помирисале марихуана. Тој тврдеше дека марихуаната не негова – пристигнал во Алабама со својот Ролс Ројс пред да се префрли на Кадилакот, кој претходно го возел негов другар.
„Бронзениот бомбардер“ Вајлдер, кој е носител на олимписка бронза од Пекинг 2008, треба да ја брани својата ВБЦ титула на 3 март против Кубанецот Луис Ортиз, а се надева дека до крајот на годината ќе договори мега-меч со Ентони Џошуа, кој во март би требало да боксува со ВБО шампионот Џозеф Паркер. Доколку двајцата победат, можен е меч за обединување на четирите титули во тешка категорија, што ќе донесе сигурно многу пари (за нови Ролс Ројси и Кадилаци).