Иако Лејвер купот во 2022 ќе остане запаметен како турнирот на кој Роџер Федерер го одигра својот последен меч, европските тенисери не направија доволно да му го донесат трофејот, откако Френсис Тијафоу се врати од мизерниот прв сет за 1:6/7:6(11)/10:8 победа над Стефанос Циципас за тимот на Светот за првпат да излезе како победник на турнирот.
Европа во својот состав ја имаше „големата четворка“ на светскиот тенис – Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, но тоа не беше доволно да се победи тимот кој го предводеше новата генерација на тенисот, како Тијафоу, Феликс Оже-Алијасим, Тејлор Фриц и Алекс де Минаур. Откако вчера Новак Ѓоковиќ победи во два меча за последниот ден Европа да го почне со 10:8 предност, Мареј и Матео Беретини загубија во двојки од Фриц и Џек Сок, по што Оже-Алијасим првпат во кариерата го победи Ѓоковиќ, за да постават притисок на Циципас, кој мораше да победи за шампионот да се одлучува во последниот меч помеѓу Каспер Руд и Фриц.
И грчкиот тенисер почна фантастично, освојувајќи го првиот сет со 6:1, но упорноста на Тијафоу се исплатеше откако спаси четири меч-топки во вториот сет за да го освои со 13:11, пред во супер тајбрејкот да биде подобар и да ја запечати 13:8 победата.