Доминик Тим влезе во полуфиналето на Ролан Гарос трета година во низа, откако неговиот противник Александер Зверев конечно се умори.
Тим победи со 6:4/6:2/6:1, користејќи ги проблемите со повредите на Зверев, кој помина три меча во пет сета за да стигне до дуел со Австриецот и прво гренд слем четврт-финале. Иако Германецот се бореше до крајот на мечот, беше јасно дека не може да се движи најдобро, мачејќи се со левиот бутен мускул.
Австриецот загуби од подоцнежните шампиони Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал во последните два настапи, а овојпат повторно го очекува дуел со Ѓоковиќ, ако тој го победи Марко Чекинато. 24-годишниот Тим е единствениот човек кој го победил Рафаел Надал на земја во последните две години, победувајќи го во Рим минатата година и во Мадрид оваа година.
Во првото женско четврт-финале, Американката Медисон Киз се пласираше првпат меѓу најдобрите четири во Париз, откако со 7:6(5)/6:4 ја совлада Јулија Путинцева. Финалистката од САД опен 2017 уште нема загубено сет во Париз и ќе се сретне или со Русинката Дарја Касаткина или со својата блиска пријателка, Слоун Стивенс, која лани ја победи во финалето во Њујорк.