Австралиската пливачка Аријарне Титмус денеска постави нов светски рекорд во трката на 200 метри слободно, на националните олимписки квалификации во Бризбејн.
Титмус во финалето постигна резултат од 1:52,23 минути и го собори рекордот на нејзината сонародничка Моли О’Калахан од 1:52,85, од минатогодишното Светско првенство.
О’Калахан заврши на второто место на денешната трка со време од 1:52.48.
„Светскиот рекорд е само бонус. Возбудливо е што го остварив ова во мојот роден град, ми дава голема самодоверба пред Олимпијадата“, изјави Титмус, пренесуваат австралиските медиуми.