Бернард Томиќ порача дека си заминува дома „да ги брои милионите“ откако не успеа да се квалификува на Австралија опен.
Австралиецот загуби со 6:1/6:7(5)/6:4 од Италијанецот Лоренцо Сонего во последното коло на квалификациите во Мелбурн и првпат од 2008 година нема да игра во главната ждрепка, откако австралиската федерација реши дека 25-годишниот 142-рангиран тенисер не заслужува вајлд-карта.
„Што ќе правам? Ќе бројам пари, тоа ќе правам. Вие одете направете тоа што јас направив. Заработете 13-14 милиони. Многу среќа момци. Бај-бај“, изјави Томиќ за австралискиот „Ченел 7“.
Ова е вторпат двократниот јуниорски гред слем шампион да се фали со своите пари, откако по поразот во Мадрид минатата година изјави: „Дали вас би ви било грижа ако имате 23 години и над 10 милиони долари“.
Наместо настап на првиот гренд слем од сезоната, се верува дека Австралиецот ќе учествува на реалното ТВ-шоу „Јас сум славен, отстранете ме од тука“.