Top Sport

Тони Надал: Новата генерација потфрли, затоа Рафа и Роџер доминираат

Рафаел Надал и Роџер Федерер продолжуваат со неочекуваната доминација во светот на тенисот и покрај тоа што ја „заминаа“ 30-тата година, и долгогодишниот тренер на Надал, неговиот чичко Тони вели дека тоа е вина на „следната генерација“.

Тони Надал, кој до декември беше и постојан тренер на Надал и негов ментор од детството, сега се фокусира на работата на тениската академија на Шпанецот на родната Мајорка, но имаше интересен коментар околу тоа зошто Роџер и Рафа не се симнати од тронот.

„Во минатото, многу години доаѓаа нови тениски генерации, а овојпат ја нема. Новата генерација не ја замени минатата. Кога ние дојдовме на професионалната турнеја, најдобрите беа Енди Родик, Лејтон Хјуит, Давид Налбандијан, Гијермо Корија и секако, Роџер Федерер. Сите имаа по 21 година. Фереро имаше 23, Сафин 24, а Агаси беше постар. Новата генерација почна да доминира и ја смени старата. Сега, најдобри на светот се Федерер со 36, Надал со 31, и Ѓоковиќ и Мареј со 30. Новата генерација е непостоечка“, вели „чичко Тони“.

Која е причината што тенисот, спорт кој треба да биде привлечен по својата финансиска страна, и во кој физичката подготвеност игра огромна улога, не успева да ги „пробие“ ветераните?

„Мислам дека тоа е поради тоа што младите раснеа на поинаков начин. Тие сега созреваат подоцна. Живееме во технолошки свет, каде што наоѓаме решенија за решенија со нови методи. Реалноста и покрај тоа вели дека младите се полоши физички и ментално од претходно“, додава Тони Надал.

Фото: ЕПА

Scroll to Top