Долгогодишниот тренер на Рафаел Надал, неговиот стрико Тони, верува дека Шпанецот може да го сруши рекордот на Роџер Федерер од 19 гренд слем титули.
Надал и Федерер во 2017 година ги поделија трофеите на четири најголеми турнири во светот на тенисот. Надал победи на „Ролан Гарос“ и на Отвореното првенство на САД, а Федерер ги освои Австралија опен и Вимблдон.
Федерер во кариерата има освоено 19 гренд слем титули, а Надал 16.
„Верувам дека Рафа ќе игра доволно долго и дека ќе го надмине рекордот на Федерер. наредната година ќе биде тешко да се освојат толку многу титули. Се надевам дека Рафа ќе продолжи да покажува дека е најдобар на земјана подлога и дека ќе победи во Монте Карло, Барселона и на ‘Ролан Гарос’“, рекол Тони Надал, кој ј заврши соработката со својот внук и во иднина ќе се посвети на работата во заедничката тениска школа.
Тренер на Надал во новата сезона ќе биде Карлос Моја.
Надал 2017 година ја заврши на првото место на АТП-листата пред големиот ривал Роџер Федерер.