Чалачан Тируне од Етиопија е победник на 15 издание на „Визер скопскиот маратон“. Тируне е прв Етиопиец што успеал да победи во Скопје. Тој успеа да ја прекина доминацијата на Кенијците, кои оваа година свој претставник имаа на второто место. Кенија сепак доминираше во женска конкуренција. Јунис Мухири победи со нов рекорд на патеката. „Визер скопскиот маратон“, оваа година го собори рекордот со над 12.000 учесници.
Чалачан Тируне маратонската патека успеа да ја претрча за 2:15.37 часа, што претставува петто најдобро време во историјата на Скопскиот маратон. Второто место му припадна Вилфред Кипчирчир од Кенија (2:16.54 часа).
Успешниот ден за атлетичарите од Етиопија го надополни Гетаје Фисеха Гело кој го освои третото место со четири минути послабо време од победникот.
Од македонските маратонци најдобро време забележа Александар Кираџиев (2:37.41 часа), што му беше доволно за шестата позиција.
Кај дамите, хероина на денот е Јунис Мухири од Кенија. Таа победи со нов рекорд на патеката 2:33.38 часа. Зад неа трката ја завршија Јулитер Тануи и Наоми Лимамуреи.
Нјадобро пласирана Македонка беше Адријана Поп Ацева, таа постави нов државен рекорд 2:52.52 часа. Поп Ацева трката ј заврши на седмото место во женска конкуренција.