Top Sport

УЦИ ја заврши истрагата, Фрум не користел допинг

Меѓународната велосипедска унија (УЦИ) го затвори случајот што го водеше против Крис Фрум, поради наводен допинг.

Четирикратниот победник на „Тур д’Франс“, под истрага беше од минатиот септември, односно од трката околу Шпанија (Вуелта). Тогаш било утврдено дека Фрум користел двојно повеќе „салбутамол“ од дозволеното.

Овој лек за астма не се наоѓа на листата на забранети супстанци, меѓутоа кај спортистите постојат одредени ограничувања, кои Фрум ги преминал.

Инаку, Британецот, лани во септември победи на Вуелта.

Од УЦИ објавија дека случајот е затворен откако биле консултирани експерти.

„Ова беа многу емотивни девет месеци. Им благодарам на сите што ме поддржаа и што веруваа во мене додека траеше процесот. Се потврди она што претходно го кажав, дека никогаш нема да ја вратам победничката маичка. Никогаш не се сомневав дека случајот ќе биде затворен. Знаев дека не сум направил ништо што не е дозволено“, рекол Фрум.

Очекувањата се дека оваа одлука на УЦИ ќе влијае и врз организаторите на „Тур д’Франс“ кои вчера му забранија на Фрум да учествува на трката.

Scroll to Top