Серхиј Стаховски, украинскиот тенисер, кој на почетокот на годинава ја заврши кариерата со пораз на стартот во квалификациите за Австралија опен, одлучи да ја брани Украина од руската инвазија.
„Армијата отвори место за резервни војници, за секој што сака да се бори, да земе оружје и да биде дел од територијалната одбрана. Има многу доброволци, меѓу кои и јас, го потпишав формуларот за пријавување минатата недела.. Немам воено искуство, но знам да ракувам со оружје“, изјави 36-годишниот Стаховски.
Тој облечен во воена униформа се појави во емисијата „Добро утро Британија“ и му порача на Владимир Путин дека ќе танцува на неговиот гроб.
„Поддршката што ја добиваме е огромна. Ограничувањата и санкциите за Русите во однос на спортот се одлични и функционираат, но тие нема да го спречат Путин. Сепак, еден ден ќе танцувам на неговиот гроб. Никогаш не помислував дека ќе бидеме во војна. Казнети сме затоа што сакаме подобар живот и сакаме во Европа. Децата не знаат каде сум, а жена ми не зборуваше со мене цел ден кога и ја кажав одлуката. Верувам дека ние сме посилни од Русите, затоа што ја браниме нашата земја, а тие доаѓаат без некој посебен мотив“, изјави Стаховски, кој најмногу го паметиме по победата над Роџер Федерер во 2013 година на Вимблдон.