Top Sport

В недела ќе се одржи меѓународна ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“

Оваа недела (17.11.2024), со почеток од 16 часот во Скопје, по повод Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, а во организација на Атлетската Федерација на Македонија ќе се одржи традиционалната меѓународна ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје 2024”

Ноќната атлетска трка е една од најстарите манифестации кај нас и една од најстарите на Балканот и се одржува традиционално секој Ноември во Чест на Ослободувањето на Град Скопје. Првата трка била одржана во далечната 1953 г. и се трчало во поединечна и екипна конкуренција, стартот и целта биле на срeдината на плоштадот, a должината била 5 км.

На програмата на овогодинешното издание се две трки и тоа главна трка на 5км и детска трка до 12 години на 400м , со пријавени на повеќе од 400 учесници во двете трки.

Овој настан е во организација на Атлетската Федерација на Македонија, а е поддржан од Министерството за Спорт, Општина Гази Баба и Министерството за Внатрешни Работи.

Стартот и целта на трките ќе биде во недела во близина на Триумфалната капија на централниот плоштад во Скопје.

ЗА НАСЈТАРАТА МЕЃУНАРОДНА НОЌНА АТЛЕТСКА ТРКА

Првата трка е одржана во 1953 година со учество на атлетичари од скопските клубови, претставници на ЈНА и повеќе градови на нашата Република. Сѐ до 1958 година, оваа трка се одржуваше како штафетна трка, во која секоја екипа се состоела од три члена, кои ја предавале штафетата еден на друг. Секој атлетски клуб можел да пријави и повеќе штафети. Запишано е дека победникот во првата трка, била четвртата екипа на АК “Работнички”, во состав: Поповиќ Момо, Димитриевски Бранко и Матовски Славко. Втора била екипата во која трчале Муратовски Киро, Димитров Трајко и Шаревски Чедо. По возбудливите борби во финишот, во последните метри Матовски успеал да го победи Шаревски и да го донесе на својата екипа првиот назив победник во оваа трка. Во 1958 година се менува карактерот на оваа манифестација, така што повеќе не се трчаат штафетни трки, туку поединечни и екипни, на патека од 5 километри. До 1970 година, победници на трката биле Трбоевски Љубиша, Јојкиќ Боро, Ивчев Трајко, Илиќ Раде, Зоран Михајлов, Елица Змејкова, Гавриловски Сотир. Трката продолжила да се одржува и наредните години и децении, иако имало години кога малку била подзаборавена. Од 1970 година, меѓу учесниците на трката беа и познатите имиња на македонската атлетика како Ѓорѓи Вучков, Славковиќ Јовица, Даутовски Демир, Ѓоргиевски Стевче, Михајло Панајотов, Маџгаљ Милан, Јонуз Јунузи, Киро Стојановски, Мартиновски Трпе, Зоран Димов, Спасевски Томислав, Светлана Арџелиева, Анѓелковиќ Мирко, Зотан Саздов, Даниела Кулевска и многу други.

Scroll to Top