Тренерот на Новак Ѓоковиќ, Марјан Вајда, рекол дека српскиот тенисер по победата над Рафаел Надал, во полу-финалето на Вимблдон, го изгубил стравот од поразите. Словакот во тимот на Ѓоковиќ се врати во април оваа година, откако една година претходно ја раскинаа соработката.
Неверојатниот подем на Ѓоковиќ започна токму со враќањето на Вајада и кондициониот тренер Гебхард Фил Грич. Претходно, Ѓоковиќ не играше тенис речиси шест месеци, а во јануари се реши да го оперира повредениот лакт.
„Долго време го познавам Новак, но не можев да замислам дека толку бргу ќе се врати на ова ниво. Чувствува дека се движиме по нов пат. Имав многу сомнежи. Тешко беше да се гледа назад, да се гледа на времето кога тој освои толку многу трофеи и во исто време да се предвиди иднината. Кога повторно почнавме да соработуваме, прво ме праша кога повторно ќе почне да победува“, рекол Вајда во интервју за „Убитенис“.
Интересно, но подемот на Ѓоковиќ започна на тревната подлога, иако по поразот од Марко Чекинато, во четврт-финалето на Ролан Гарос, воопшто не бил сигурен дека ќе игра на оваа подлога.
„Тој реши да игра на тревата во Квинс и Вимблдон. Се чувствуваше одлично од првиот момент. Заборави на се она шт било претходно. Иако го загуби финалето во Квинс од Марин Чилиќ, фактот што играше финале му донесе многу самодоверба. Пресвртница беше полу-финалето на Вимблдон, против Надал. Тогаш се се смени. Беше неверојатно. Неког од публиката викна – „Ви благодарам на двајцата за ова. Потоа Новак повеќе не се плашеше од пораз“, рекол Вајда.
Ѓоковиќ во Вимблдон го победи Надал со 3:2 (6:4, 3:6, 7:6, 3:6, 10:8), а потоа ја освои титулата. Противник во финалето му беше Кевин Андерсон.
По Вимблдон, српскиот тенисер ги освои Мастерс-турнирите во Синсинати и Шангај, а од мината недела се врати на првата позиција на АТП листа.