Поранешниот светски шампион во тешка категорија, Дионтеј Вајлдер, призна дека добивал совети од легендарниот тешкаш Џорџ Формен пред третиот меч против Тајсон Фјури, човекот кој му ја зеде ВБЦ титулата.
Кога Вајлдер и Фјури ќе добијат шанса да го одлучат победникот од трилогијата останува да се види поради пандемијата на корона вирусот, иако промотерот Боб Арум најави дека реална опција е во октомври.
„Беше фасцинантно да се зборува со Џорџ. Тој е еден од луѓето со кои сакав да бидам во контакт подолго време. Сега, кога сѐ е затворено, конечно, најдовме време. Зборувавме за многу работи и беше фантастично. За неговата кариера, за работите низ кои поминал, но и за некои трикови, некои работи кои ги видел во моите мечеви, и ми пренесе клучно знаење“, вели 34-годишниот Вајлдер.
71-годишниот Формен имаше фантастична кариера од 81 меча, меѓу кои беа пресметките со легендарните Мухамед Али и Џо Фрејзер.