Top Sport

Вајлдер ќе почека, Џошуа ќе го брани ВБА појасот против Поветкин?

Ентони Џошуа се откажува од долгите преговори за меч за обединување на титулите во тешка категорија со Американецот Дионтеј Вајлдер, и наместо тоа ќе боксува со задолжителниот предизвикувач на ВБА федерацијата, Русинот Александер Поветкин во септември, јавува „Дејли мејл“.

Британскиот тешкаш има само 24 часа да соопшти дали ќе боксува со Поветкин, откако доби „ултиматум“ од ВБА, и сега неговиот промотер Еди Херн има тешка задача бргу да го организира мечот со Русинот или да ризикува губење на појасот. Џошуа е носител на ВБА, ИБФ и ВБО појасите, додека Вајлдер е ВБЦ шампион. Претходно имаше најави дека договорот е склучен и дека треба да се „средат“ деталите, но сега е јасно дека преговорите траат предолго.

Сега, опција за Џошуа е да боксува со Поветкин во септември, а да договори меч со Вајлдер во февруари или март 2019 година.

38-годишниот Саша Поветкин воопшто не е наивен противник. Тој беше ВБА шампион од 2011 до 2013 година, по што отслужи суспензија поради позитивен тест, но се врати моќно во последните неколку години.

Во последниот негов меч, Поветкин боксуваше пред мечот на Џошуа против Џошуа Паркер на 31 март, кога го „уништи“ Британецот Дејвид Прајс со нокаут во петтата рунда.

Поветкин го „здроби“ Прајс во пет рунди (видео)

Scroll to Top