Американскиот светски шампион во тешка категорија според ВБЦ федерацијата, Дионтеј Вајлдер во интервју за ЕСПН ги предупреди ривалите да дојдат во неговата „џунгла“ или ќе ги „раскине“.
„Бронзениот бомбардер“ уште го чека Ентони Џошуа за договор за мега-меч во 2018 година, но вели дека ако тоа не се оствари, тогаш ќе боксува со Луис Ортиз или Александер Поветкин.
„Ако имате погрешни причини да дојдете во оваа џунгла, во мојата џунгла, ќе ве изедам. Ќе ве раскинам живи и нема да остане ништо од вас“, се закани Вајлдер.
Тој останува на истиот услов за меч со Џошуа – 50-50 распределба на наградниот фонд, и вели дека има доволно ривали кои можат да бидат привлечни, како Кубанецот Ортиз и Русинот Поветкин.
„Има доста боксери во тешка категорија. Има многу момци кои се враќаат и би биле добри противници во рингот, без разлика на тоа што земале недозволемни средства. Тешката категорија повторно е возбудлива и мораме да влеземе во рингот и да се докажеме како мажи и воини. Јас велам дека сум најдобриот и 19-те нокаути во првата рунда го кажуваат тоа“, додава Вајлдер.
Неговиот нокаут над Бермејн Стиверн во првата рунда во ноември беше еден од најбруталните во историјата на тешката категорија и Вајлдер признава дека ја чувствува опасноста во рингот.
„Секако дека размислувам за тоа, но јас не сум тој што го казнуваат. Моите противници ги добиваат бруталните нокаути и никогаш не сум бил во таква позиција. Мислам на нив, но и мислам и на самиот себе – да не бидам јас од другата страна. Сепак, не е сеедно, секој има семејство, само што не се толку силни како мене. Зошто влегуваат во рингот? Секој си има своја причина, посебно ако има деца како мене. Сакам и тие да се вратат на своето семејство, но и јас на моите четири деца. Ова е џунгла и во џунглата само најсилните преживуваат. Ако не си силен, тогаш подобро да се криеш“, вели Американецот.