Поранешниот шампион во тешка категорија, рускиот „џин“ Николај Валуев вели дека актуелнит шампион, Олександер Усик имал среќа што си заминал од Украина жив откако се приклучил на територијалната одбрана, бидејќи немал друг избор.
Усик се подготвува за римечот со Британецот Ентони Џошуа во Саудиска Арабија, каде што ќе ги брани ВБА, ИБФ, ВБО и ИБО титулите откако доби дозвола од украинските власти да замине од Киев, каде што се врати по почетокот на војната. 35-годишниот Усик, кој е роден на Крим и во минатото беше обвинуван за про-руско расположение, сега повторно стана херој на Украинците ветувајќи враќање во татковината веднаш по римечот во август.
Валуев, кој двапати ја носеше ВБА титулата во тешка категорија, а сега е пратеник во руската Дума, вели дека Усик немал многу избор.
„Не ги знам деталите како Саша отиде таму, но најверојатно немаше избор да не се врати. Тој беше на нивна територија и не можеше да ги избегне тие процеси. Кога излезе од Украина си кажав: ‘Фала Богу што е жив’“, вели Валуев.
48-годишниот Валуев, кој се пензионираше во 2009 со 50-2 скор, вели дека не гледа ништо „розево“ за иднинта на рускиот спорт.
„Имаме победи во индивидуалните спортови. Нашите тенисери, боксери ќе прават достигнувања, хокеарите ќе играат во престижната НХЛ. Многумина разбираат дека светски спорт без Русија, ниту е светски, ниту е спорт. Сите го разбираат тоа. Но, во овој момент не може да се направи ништо. Во Русија ние простуваме на луѓето за речиси секоја работа, но не и за предавство. Тоа е нашиот менталитет, тоа е нашата историја. Кај нас во минатото дури и убијци станаа светци, но предавници никогаш“, додава Валуев.