Top Sport

Ван Никерк го повреди коленото, го чека подолга пауза

Јужноафриканскиот олимписки и светски шампион на 400 метри, Вејд ван Никерк ќе ги пропушти Игрите на Комонвелтот во април откако доби сериозна повреда на коленото на добротворен рагби-меч.

Светскиот рекордер на 400 метри веднаш отпатува за Вејл, САД за операција откако ги скина лигаментите на коленото и ќе му бидат потребни шест месеци рехабилитација. 25-годишниот Ван Никерк се гледа како наследник на Јусеин Болт по повлекувањето на големиот Јамајчанец, бидејќи планира да настапува и во трките на 100 и 200 метри.

„Сакав да трчам на 100 и 200 метри во Голд Коуст, Австралија и на националниот шампионат во март, така што оваа повреда доаѓа во незгодно време. Но, ова е спорт и такви работи се случуваат. Верувам во мојот тим и ќе го направиме процесот што е можно побезболен“, вели Ван Никерк.

Тој се ожени со својата дологодишна девојка минатиот викенд, така што повредата доаѓа во уште понезгодно време.

Ван Никерк го сруши рекордот кој многумина сметаа дека е „вечен“ – истрчкувајќи 43.03 секунди на 400 метри на Олимпијадата во Рио де Жанеиро, подобрувајќи го рекордот на Американецот Мајкл Џонсон од СП во Севилја во 1999 година.

Scroll to Top